Во рамки на најновиот јавен повик на Министерството за образование и наука за финансирање на научноистражувачки проекти од национален интерес, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) доби поддршка за реализација на два проектa. Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ ќе го анализира „Владеењето на правото во функција на еконосмки раст и развој“ под раководство на акад. Владо Камбовски и главен истражувач доц. д-р Елена Мујоска Трпевска.
Проектот се темели на современи економски теории и квантитативни анализи, со цел да утврди како правната сигурност, независноста и ефикасноста на институциите влијаат врз економскиот раст и благосостојбата на граѓаните.
Истражувањето ќе користи комбинација од меѓународни индекси (како WGI – Worldwide Governance Indicators), напредни економетриски методи и детална квалитативна анализа. Преку ова, ќе се идентификуваат причините за слабите резултати во владеењето на правото – од политичка партизација и институционална неефикасност, до отсуство на политичка волја за реформи.
Целта е да се понудат конкретни препораки за надминување на овие предизвици: зајакнување на независноста на институциите, намалување на корупцијата и неказнивоста, подобрување на квалитетот на образованието и поттикнување на економски политики засновани на правната држава.
Главната идеја: разбивањето на затворениот круг на „заробени институции и заробена држава“ кои продуцираат корупција, клиентелизам и елементи на кронизам ќе резултира со динамизирање на растот и зголемување на благосостијбата на граѓаните, односно со отворање на патот за создавање на функционална и одржлива пазарна економија.
Истражувачки прашања
Цели и активности на проектот
Цел 1: Анализа на теоретските основи на владеењето на правото и неговата поврзаност со економскиот раст и развој
Активност 1.1: Проучување на литературата и истражување на теоретските модели кои го поврзуваат владеењето на правото со економскиот раст и развој
Активност 1.2: Анализа на институционалните индикатори за владеење на правото и нивната поврзаност со економскиот развој
Цел 2: Критичка проценка на степенот на владеење на правото во Република Северна Македонија
Активност 2.1: Правна и институционална анализа на состојбата со владеењето на правото
Активност 2.2: Идентификација на клучните институционални предизвици и пречки во практиката на владеење на правото
Активност 2.3: Анализа на состојбите поврзани со степенот на корупција и правно-институционалните механизми за нејзино спречување
Активност 2.4: Организирање на истражување со фокус групи
Цел 3. Емпириско истражување на влијанието на владеењето на правото врз економскиот раст и развој на Република Северна Македонија
Активност 3.1: Макроекономски проекции на развојниот пат на македонската економија преку примена на Моделот на меѓународни иднини (International Futures Model Ifs)
Активност 3.2: Квантитативната анализа за влијанието на институциите врз економскиот раст во Северна Македонија
Активност 3.3:Подготовка на конкретни препораки и стратегиски предлози за институциите за подобрување на владеењето на правото со цел поттикнување на економскиот и општествениот развој
Активност 3.4: Публикување на Завршниот извештај и организирање на јавна презентација (Завршна конференција) за десеминација на резултатите
Очекувани резултати
Финансиска поддршка
Проектот е поддржан од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија
Контакт информации
csi@manu.edu.mk
Нашиот тим
Влдо Камбовски, академик, Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, МАНУ, раководител на проектот
Таки Фити, академик, Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, МАНУ, член на проектниот тим
Елена Мујоска Трпевска, виш научен соработник, Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, МАНУ, главен истражувач
Марица Антовска-Митев, виш научен соработник, Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, МАНУ, член на проектниот тим
Татјана Џамбазовска, соработник-истражувач, Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, МАНУ, член на проектниот тим
Кристијан Кожески, асистент, Економси факултет – Скопје, УКИМ, член на проектниот тим
Ѓунтер Мерџан, асистент, Економси факултет – Скопје, УКИМ, член на проектниот тим
Софија Јовановиќ, асистент, Правен факултет „Јустенијан Први“ – Скопје, УКИМ, член на проектниот тим
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.