Одделението за општествени науки и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите организираа научно-стручна расправа посветена на новиот Предлог-закон за научноистражувачката дејност, што е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), достапен на следниот линк.
Настанот се одржа на 16 март 2026 година (понеделник) со почеток во 10:00 часот, во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите.
Целта на расправата беше да се овозможи вклучување на академската и стручната јавност во процесот на јавна дебата по предложениот законски текст, преку размена на мислења, коментари и предлози за негово унапредување. Предлог-законот има за цел да придонесе кон понатамошен развој на системот на научноистражувачката дејност во државата, зајакнување на институционалните капацитети за научно истражување и подобро усогласување со современите европски стандарди во областа на науката, истражувањето и иновациите.
Во рамките на настанот беа предвидени воведни обраќања и отворена дискусија со претставници на академската заедница, истражувачките институции и релевантните институции. Од расправата произлегоа заклучоци и препораки кои ќе бидат доставени до надлежните институции, со цел придонес кон унапредување на предложените законски решенија.
Фотографии од настанот
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.