Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите ги поканува сите заинтересирани студенти од прв, втор и трет циклус на студии во сферата на општествените науки да достават свои научни или стручни трудови кои ќе бидат објавени во Зборник на „Охридската школа на природното право“ кој го носи насловот „Societas et Scientia“. Рокот за доставување на трудови е до 31 март 2019 година.
Трудовите треба да бидат авторски, а со нив треба да се обработува тема која ќе ја опфаќа заштитата на човековите и граѓанските права и слободи, односно нивното унапредување од перспектива на правните, политичките, социолошките, економските или другите општествени науки. За објавувањето на секој труд поединечно ќе одлучи Меѓународниот уредувачки одбор на Зборникот кој е сочинет од академици, професори и други истакнати експерти од науката и практиката.
Секој труд треба да биде составен согласно Упатство за изработка на труд на овој повик.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.