„Владеење на правото во функција на економскиот раст и развој“
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите Ве поканува на почетниот настан посветен на проектот „Владеење на правото во функција на економскиот раст и развој“ кој се спроведува со поддршка на Министерството за образование и наука.
Проектот го истражува влијанието на владеењето на правото врз стабилноста на институциите, деловната клима и одржливиот економски развој. Особено внимание е посветено на улогата на правната сигурност, независното судство и транспарентните институции како предуслови за динамичен економски раст, повисока благосостојба на граѓаните и функционална пазарна економија.
Настанот ќе ја претстави рамката на проектот, неговите цели, методологија и очекувани резултати, како и значењето на надминувањето на појави како корупција и заробени институции во поттикнувањето на општествен и економски развој.
За дополнителни информации или потврда на присуство, Ве молиме контактирајте нè на csi@manu.edu.mk
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.