за 3 (три) експертски позиции – еден правник и двајца економисти
за изработка на анализи, истражувања и придружни материјали во рамки на проектот
„Владеење на правото во функција на економскиот развој (ЛЕГЕКОН)“

Македонската академија на науките и уметностите, односно Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богoeв“, во рамки на спроведувањето на проектот „Владеење на правото во функција на економскиот развој (LEXECON)“, објавува јавен повик за ангажирање на три експерти:
1 правник и 2 економисти.

Опис и цели на проектот
Општата цел на проектот е да ја истражи и унапреди поврзаноста меѓу владеењето на правото и економскиот развој во Република Северна Македонија, преку систематско мапирање на клучните показатели, идентификување структурни слабости и предлагање издржани реформи во согласност со европските практики и стандарди.

Специфичните цели се:
(1) да се изработи сеопфатна анализа на индикаторите поврзани со владеењето на правото и нивното влијание врз економскиот раст;
(2) да се мапираат политичките, институционалните и економските фактори кои создаваат бариери за правна сигурност, инвестиции и продуктивност;
(3) да се развијат препораки за реформи кои ќе придонесат за подобра институционална рамка, поефикасни политики и предвидлива економска средина.

За таа цел се распишува овој јавен повик за избор на:
1 експерт од областа на правото
2 експерти од областа на економијата

Опис и работни задачи
Ангажираните експерти ќе треба да ги спроведат следните активности, согласно својата професионална област:

Правник
Подготовка на преглед и анализа на правната и институционалната рамка релевантна за владеењето на правото, со акцент на:

  • законодавството поврзано со правната сигурност, управните постапки, судските реформи, антикорупциските механизми и транспарентноста;
  • мапирање институционални надлежности;
  • анализа на состојбите во делот на независност на судството, институционална ефикасност и транспарентност;
  • формулирање препораки за реформи.

Двајца економисти
Подготовка на економска анализа поврзана со:

  • индикатори за економски раст, продуктивност, инвестиции и деловно окружување;
  • квантитативни и квалитативни податоци од релевантни извори (WGI, WEF, Eurostat, Светска банка, OECD и други);
  • мапирање на врските меѓу владеењето на правото и економските резултати;
  • подготовка на економски модели, табели, индекси или структури за следење на ефектите од реформите;
  • изработка на анализа за влијанието на слабостите во владеењето на правото врз економското функционирање.

Потребни квалификации

За правникот:

  • завршено високо образование во областа на правото;
  • најмалку 7 години работно искуство во областа на правниот систем, правната држава или јавните политики;
  • искуство со анализи, истражувања или студии во релевантната област;
  • познавање на европските стандарди за владеење на правото;
  • напредно познавање на англиски јазик;
  • силни аналитички и истражувачки способности.

За економистите:

  • завршено високо образование во економски науки;
  • најмалку 7 години професионално искуство во економски анализи, јавни финансии, економска политика или сродни области;
  • работа со економски индикатори и релевантни меѓународни бази на податоци;
  • искуство во подготовка на студии, истражувања или аналитички трудови;
  • напредно познавање на англиски јазик;
  • силни аналитички и квантитативни вештини.

Временска рамка
Ангажманот ќе се реализира фазно во текот на 2025 и 2026 година, согласно динамиката на активностите на проектот.
Надоместокот по работен ден ќе биде определен согласно интерните финансиски правила на проектот, а исплатата ќе се врши во денарска противвредност.

Постапка и правила за пријавување, рок и избор
Овој повик е јавен.

Сите заинтересирани кои ги исполнуваат наведените услови може да се пријават со испраќање биографија (CV) на следната е-маил адреса: csi@manu.edu.mk со јасна назнака за позицијата за која аплицираат (правник или економист).

Напомена:

Краен рок за доставување на понудите е до 5.12.2025 година до 16 часот по е-пошта на csi@manu.edu.mk

Пристигнатите пријави ќе бидат разгледани и евалуирани од страна на комисија назначена од Управувачкиот тим на проектот.
Кандидатите ќе бидат известени за исходот по завршување на постапката..

Во случај на потреба од дополнително појаснувања, слободно контактирајте не.

Скопје, 1.12.2025