Во организација на Македонската академија на науките и уметностите, а по предлог на Центарот за стратегиски истражувања “Ксенте Богоев” и Одделението за општествени науки, на 23 февруари 2026 година се одржа дебата посветена на Предлог-законот за високото образование и Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката.
Настанот се организира во рамки на јавната расправа по законските текстови објавени на ЕНЕР од страна на Министерството за образование и наука, со цел активно вклучување на академската јавност во процесот на доставување коментари и предлози.
На академската дебата воведно обраќање имаше претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов, како и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Академската расправа ја водеше и дискусијата ја водеше Акад. Абдулменаф Беџети.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека високото образование треба да создава стручни, компетентни и применливи кадри, а државата да бара јасна отчетност за вложените средства и постигнатите резултати на универзитетите.
Според нејзините изјави, клучните приоритети во реформата на системот се:
– унапредување на квалитетот на студиските програми
– јакнење на врската помеѓу образованието и пазарот на труд
– транспарентно финансирање и мерење на резултатите
– одговорност на универзитетите за јавните средства
Министерката нагласи дека државата инвестира значителни средства во високото образование и затоа е неопходно јасно дефинирање на критериуми за ефикасност, продуктивност и академски резултати.
Потоа, свои излагања имаа дописниот член на МАНУ, Валентин Мирчески, и академик Изет Зеќири, кои се осврнаа на клучните решенија и предизвици во Предлог-законот за високото образование, со посебен фокус на институционалната поставеност, финансирањето и автономијата на универзитетите.
На академската дебата присутна беше и проф. д-р Христина Серафимовска, Директор на Агенцијата за квалитет.
Во однос на Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката, воведно излагање имаше дописниот член на МАНУ, Гордана Лажетиќ, која ги анализираше механизмите за надворешна и внатрешна евалуација, системите за акредитација и потребата од јасни стандарди за академска извонредност.
Учество во дебатата, освен академиците, земаа и ректори, проректори, декани, професори, членови на Националниот совет за високо образовани и научно-истражувачка дејност. Во фокусот на дискусијата беа прашањата за квалитетот на високото образование, механизмите за обезбедување квалитет, отчетноста за јавните средства и усогласувањето со современите европски стандарди. Опсежната дискусија овозможи активно вклучување на академската и стручната јавност, со цел формулирање конкретни заклучоци и препораки што ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
За најважните предлози се подготвија и конкретни предлози, препораки и решенија, кои, како што беше истакнато од Акад. Беџети, ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.