На 27 март 2026 година, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), се одржа научно-стручна расправа на тема „Ефикасност и правичност во постапувањето со предмети од организиран криминал“.
Настанот беше организиран од Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, со цел да се отвори стручна дискусија за предлог-измените на Законот за кривичната постапка, како и за практичните предизвици во истрагата и текот на главната расправа во предметите од организиран криминал.
Во рамки на расправата, воведни обраќања имаа академик Владо Камбовски, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски и м-р Ален Деребан, по што следеше панел-дискусија со учество на претставници од академската заедница, судството и меѓународните организации.
Дискусијата беше фокусирана на обезбедување баланс помеѓу ефикасноста на кривичната постапка и гаранциите за правично судење, при што беа споделени искуства од праксата и идентификувани клучни предизвици во постапувањето со овие сложени предмети.
Како резултат на расправата, ќе бидат формулирани заклучоци и препораки кои ќе бидат доставени до Министерството за правда, со цел унапредување на текстот на Предлог-законот за кривична постапка и зајакнување на правната рамка во борбата против организираниот криминал.
Настанот претставува значаен чекор кон поттикнување на дијалогот помеѓу институциите, академската заедница и практичарите, во насока на креирање поефикасен и поправеден кривично-правен систем.
Фотографии од настанот.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.