На 5 февруари 2026 година, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Здружението за кривично право и криминологија на Република Северна Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ организираа научно-стручна расправа по Предлог-Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Настанот собра бројни претставници на академската и стручната јавност, меѓу кои судии, јавни обвинители, професори, експерти и претставници на релевантни институции. На расправата учествуваа академик Владо Камбовски, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, г-а Ирина Трајкоска Стрезоски – директор на Академијата за судии и јавни обвинители, како и претставници на ЕУ поддршката за владеење на правото, Министерството за правда, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и професионалните здруженија.
Во своите воведни обраќања беше истакнато дека Предлог-Законот за Академијата за судии и јавни обвинители претставува клучен системски закон за унапредување на квалитетот, независноста и професионалноста на судската и обвинителската функција. Посебно беше нагласена важноста од активно вклучување на стручната и академската јавност во процесот на унапредување на законските решенија.
Во рамки на расправата беа презентирани новините содржани во Предлог-законот, кој е изготвен врз основа на препораките на Оценската мисија на Европската Унија од 2018 година и анализата спроведена во 2025 година во рамки на проектот „Support for Rule of Law“. Учесниците укажаа дека предложените решенија имаат за цел јакнење на институционалната улога и капацитетите на Академијата, како и усогласување со европските стандарди и добрите компаративни практики.
Како клучни прашања и препораки во дискусијата се издвојуваат потребата од јасно дефинирање на надлежностите на Академијата, обезбедување нејзина институционална независност и стабилно финансирање, зголемување на транспарентноста и отчетноста, унапредување на моделот на обука и оценување, како и справување со сериозниот недостиг на човечки ресурси во правосудството.
Заклучоците од расправата беа сумирани, при што беше истакнато дека сите согледувања и препораки ќе бидат доставени до Министерството за правда, со цел нивно разгледување и вградување при доработката на текстот на Предлог-Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.