Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ ја претставува новата базична студија „Владеењето на правото и неговото влијание врз економскиот раст – теоретски дискурс“, изработена од академик Владо Камбовски и академик Таки Фити. Студијата е изработена во рамки на проектот „Владеење на правото во функција на економскиот развој“, реализиран од Центарот за стратешки истражувања при МАНУ, насочен кон продлабочено истражување на врската меѓу правниот систем и економските перформанси на Северна Македонија.
Студијата нуди сеопфатна теоретска анализа на една од најзначајните врски во современите општества, односот меѓу владеењето на правото и економскиот развој, со посебен фокус на Северна Македонија како транзициска демократија и земја во процес на европска интеграција.
Поаѓајќи од компаративни искуства на развиени економии, студијата ја нагласува клучната улога на легитимната и функционална правна и институционална рамка за обезбедување предвидливи економски односи, привлекување инвестиции и одржлив раст. Владеењето на правото се третира не само како уставен принцип, туку и како практичен механизам кој овозможува сигурност на трансакциите, фер пазари и заштита на правата.
Особено внимание е посветено на двојната природа на владеењето на правото, како темелен принцип на политичкиот и правниот систем и како фактор со директно влијание врз економските текови. Во таа смисла, студијата ја разработува тезата дека сигурните сопственички права, транспарентните институции и ефикасното судство ги намалуваат трансакциските трошоци, ја подобруваат инвестициската клима и поттикнуваат иновации.
Во контекст на Северна Македонија, се истакнува дека зајакнувањето на владеењето на правото претставува и домашен императив и предуслов за унапредување на економската конкурентност и постигнување одржлив развој, особено во рамките на процесот на интеграција во Европската Унија.
Студијата ги идентификува и клучните предизвици: доследна примена на поделбата на власта, легитимноста на законите, селективната примена на правото, корупцијата и ефикасноста на судскиот систем. Овие фактори се анализираат како директни ограничувања на економскиот развој и стабилноста на институциите.
Методолошки, истражувањето комбинира правна и економска анализа, користејќи квантитативни и квалитативни пристапи, со цел да понуди научно засновани согледувања и препораки за унапредување на правно-институционалната рамка, транспарентноста, отчетноста и функционалноста на институциите.
Со оваа студија се поставува јасна порака: без суштинско владеење на правото, економскиот раст останува ограничен, а европската интеграција – неизвесна. Напротив, неговото зајакнување претставува клучен предуслов за стабилен, конкурентен и одржлив развој на државата.
Линк до студијата.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.