Со задоволство информираме дека е објавена студијата „Проценка на ефикасноста на јавната потрошувачка на Република Северна Македонија“, која нуди сеопфатна анализа на фискалната политика и нејзините ефекти врз економската активност.
Студијата е изработена за потребите на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, врз основа на Меморандумите за соработка помеѓу Фискалниот совет и Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, Економскиот факултет – Скопје при УКИМ и Факултетот за економија и бизнис при ЈИЕУ – Тетово.
Во фокусот на истражувањето се фискалните мултипликатори како клучен индикатор за ефикасноста на јавната потрошувачка, со посебен осврт на:– ефектите од капиталните расходи врз економскиот раст;– влијанието на субвенциите во земјоделството врз производството и БДП;– односот помеѓу јавната потрошувачка и економската активност;– одржливоста на јавниот долг и фискалната политика.
Студијата дава и компаративен осврт со меѓународни искуства, како и конкретни препораки за креаторите на политики во насока на поефикасно управување со јавните финансии.
Линк до публикацијата.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.