Во рамки на најновиот јавен повик на Министерството за образование и наука за финансирање на научноистражувачки проекти од национален интерес, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) доби поддршка за реализација на два проектa. Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ ќе го анализира „Владеењето на правото во функција на еконосмки раст и развој“ под раководство на акад. Владо Камбовски и главен истражувач доц. д-р Елена Мујоска Трпевска а Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги Ефремов“ ќе работи на „Национален геномски пристап за ретки болести: од истражување до дијагноза и превенција“ под раководство на акад. Александар Димовски и доп.член проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска, како главен истражувач.
Во ЦСИ започнуваме истражување кое ќе ги анализира комплексните врски меѓу владеењето на правото и динамиката, квалитетот и одржливоста на развојот на Северна Македонија. Проектот се темели на современи економски теории и квантитативни анализи, со цел да утврди како правната сигурност, независноста и ефикасноста на институциите влијаат врз економскиот раст и благосостојбата на граѓаните.
Истражувањето ќе користи комбинација од меѓународни индекси (како WGI – Worldwide Governance Indicators), напредни економетриски методи и детална квалитативна анализа. Преку ова, ќе се идентификуваат причините за слабите резултати во владеењето на правото – од политичка партизација и институционална неефикасност, до отсуство на политичка волја за реформи.
Целта е да се понудат конкретни препораки за надминување на овие предизвици: зајакнување на независноста на институциите, намалување на корупцијата и неказнивоста, подобрување на квалитетот на образованието и поттикнување на економски политики засновани на правната држава.
Проектите се резултат на конкуренција заснована на научна извонредност, релевантност и потенцијал за влијание врз стратешките развојни приоритети на државата. Со нив, МАНУ активно се вклучува во унапредување на научноистражувачката дејност, особено во доменот на општествените науки и хуманистиката, придонесувајќи кон креирање политики засновани на докази и интердисциплинарна анализа на комплексни општествени процеси.
Министерството за образование и наука потпиша договори за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти со државни факултети, научни институти и МАНУ. Од нив, 15 проекти се од природно-математичките науки, инженерството и технологијата, медицинските и здравствените науки како и од земјоделските и ветеринарните науки. Исто толку проекти се од општествените и хуманистичките науки. За прв пат оваа година, се финансираат 10 проекти од областите кои со Стратегијата за паметна специјализација се утврдени дека имаат висок иновациски, истражувачки и економски потенцијал: паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност, ИКТ технологиите, електромашинската индустрија и одржливите материјали и паметни згради.
Проектите беа одбрани на јавен конкурс, вкупниот износ за финансирање по проект изнесува до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година.
Министерската за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, што јасно ја покажува насоката кон која сакаме да ја придвижиме државата.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.