На 1 октомври 2018, со почеток од 11 часот во работните сали во Македонската академија на науките и уметностите, Македонското пенолошко друштво ја одржа завршната конференција во рамки на проектот “Анализа на состојбата со установите за сместување на деца во ризик и на деца во судир со законот во РМ” со поддршка на Цивика Мобилитас – проект на Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и СПУ.

На настанот беа поканети сите членови на МПД, членови на МАНУ, Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, претставници на Затворот Охрид и ВПД Тетово, истакнати практичари од областа, претставници на Народниот правобранител, членови на Хелсиншкиот комитет на РМ и други невладини организации, студенти на правните факултети и други заинтересирани учесници.

Настанот го отвори д-р Елена Мујоска Трпевска, претседател на МПД. истакнувајќи ја потребата од научна анализа на различните аспекти на институционалниот и вонинституционалниот третман на децата во ризик и децата во судир со законот, како и односот на македонското општество кон нив. Акад. Владо Камбовски, еден од основачите на МПД, во своето излагање нагласи дека нашето општество сериозно потфрлило во заштитата, грижата, помошта и развојот на децата во ризик и децата во судир со законот. Акад. Камбовски преку осум постулати ја постави рамката на оваа анализа односно нејзината цел, методологија и финални резултати во вид на предлози и препораки адресирани, во прв ред, до државата и до нејзините институции во областа на детската заштита. Проф. д-р Гордана Лажетиќ, една од основачите на Македонското пенолошко друштво своето излагање го започна со компаративен преглед на дел од државите со истата правна традиција а предмет на анализа, согласно предметот на истражувањето, беа воспитните мерки што значат престој во определена установа. Д-р Мујоска Трпевска истакна дека оваа тематика беше сериозно занемарувана во текот на подолг временски период и покрај бројните извештаи на меѓународните организации, Народниот правобранител и други релевантни домашни фактори, кои гласно апелираа за негативните услови во пенитенцијарните установи во државата а особено во установите за сместување на деца.

Членовите на Македонското пенолошко друштво ќе продолжат со своите активности во насока на развивање на програми на постпенална помош за децата и малолетниците но и будно следење на состојбата со децата во ризик и децата во судир со законот во државата, вршејќи постојан надворешен мониторинг над надлежните министерства и јавните институции во спроведувањето на мерките на грижа и помош на децата. Публикацијата под наслов „Анализа на состојбата со установите за сместување на деца во ризик и на деца во судир со законот во РМ„ вo PDF формат е достапна на веб страната на МПД, www.msp.mk.

————————————————————————————————————————————————————————————————————————————-

Повеќе информации се достапни на  на линкот.