Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ е основан во 2000 година како научна организациска единица на Македонската академија на науките и уметностите. Со Центарот раководи редовен член на МАНУ. Советот на Центарот го сочинуваат членови на МАНУ (од различните одделенија на Академијата), како и познати научни работници од академската заедница на Република Северна Македонија.
Во Центарот се вработени: еден научен советник, двајца виши научни соработници, еден истражувач-соработник и еден технички секретар. Центарот има широка база на постојани соработници (од редот на економската и правната заедница, т.е. од државните и приватните универзитети на Република Северна Македонија) и соработници по одделни проекти – афирмирани експерти од областите на кои се однесуваат проектите.
Фактот што Центарот постои и функционира како организациска научна единица во рамките на МАНУ му дава посебна, специфична научна тежина, од аспект на независноста, непристрасноста и академската слобода во истражувањето на стратегиски прашања од посебен интерес за Република Северна Македонија.
Основните цели и задачи на Центарот се дефинирани на следниов начин:
– Центарот организира и реализира национални и меѓународни научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија во доменот на општествените науки;
– Центарот организира научни собири (конференции, симпозиуми, тркалезни маси, советувања, јавни расправи, предавања и сл.) за проблеми и прашања од стратегиски интерес за Република Северна Македонија, кои се истражуваат низ историски, геополитички, економски, пра¬вен, социјален и безбедносен контекст;
– Центарот во реализацијата на своите цели и задачи соработува со другите научни центри во рамките на МАНУ, како и со слични институции од земјата и од странство;
– Центарот ги презентира резултатите од научноистражувачката дејност пред пошироката стручна и научна јавност преку свои публикации, јавни настапи, конференции за печат и сл.
Центарот има богата меѓународна научна соработка: со неколку центри од Република Турција, со Институтот за економски истражувања на Бугарската академија на науките, со Институтот за социологија при Романската академија и со центрите за стратегиски истражувања од балканските земји што се членки на Балканската комуникациска мрежа. Центарот има склучено договори за соработка со: Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, Центарот за економски анализи, Сојузот на стопанските комори на Македонија, Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа, Фискалниот совет на Република Северна Македонија и други.
Во текот на своето постоење Центарот има иницирано и реализирано бројни научноистражувачки проекти за проблеми и прашања од стратегиски интерес за Република Северна Македонија, меѓународни конференции, и има организирано голем број тркалезни маси, работилници, презентации и сл. Истражувачката активност на Центарот е позиционирана во повеќе научни области – економија, право, евроатлански интеграции (посебно хармонизација на правниот систем на Република Северна Македонија со правото на Европската Унија и евалуација на судските реформи), високо образование и наука, историја, политикологија, култура, односи со соседните земји и со Турција, демографија и др. Дел од резултатите од научноистражувачката работа се публикувани во посебни изданија, кои редовно се дистрибуираат и до соодветните владини ресори и институции за да послужат како основа за креирање политики во областите на кои се однесуваат.
Соработниците на Центарот ги презентираат резултатите од научноистражувачката работа на меѓународни конференции и ги објавуваат во меѓународни списанија.
Услугите што се обезбедуваат опфаќаат советодавна функција за прашања од стратегиски интерес за Република Северна Македонија во различни научни области во кои е фокусирана истражувачката активност на Центарот, како и активна вклученост на редовните членови и научните соработници на Центарот во изработка на национални стратегиски документи.