Расправа „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на животна средина“

На ден 02.03.2020 година Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ со почеток во 10:00 часот во работните сали на МАНУ ја одржа расправата „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на животна средина“. Расправата беше одржана во соработка со Македонското здружение на млади правници (www.myla.org.mk) и Центарот за правни истражувања и анализи (www.cpia.mk). Учество на расправата зедоа вкупно 30 лица – претставници на:

  • Македонската академија на науките и уметностите,
  • Правниот факултет „Јустинијан Први“ (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје),
  • Филозофскиот факултет (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје),
  • Факултет за безбедност (Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола),
  • Министерството за животна средина и просторно планирање,
  • Министерството за правда,
  • Народниот правобранител,
  • Македонското здружение на млади правници,
  • Центарот за правни истражувања и анализи,
  • Државната комисија за спречување на корупцијата,
  • Општина Центар, односно
  • адвокати и други.

 

Од нив 16 имаа свое излагање.

Расправата беше одржана со цел актуелизирање на прашањето на правната заштита на животната средина, особено фокусирајќи се на судската заштита на ова основно човеково право (можностите за заштита на правото на здрава животна средина пред кривичните, граѓанските и управните судови и дилеми кои се јавуваат во практиката) загарантирано Уставот на Република Северна Македонија и бројни меѓународни акти.

Расправата, општо гледано, беше сочинета од две тематски целини.

 

  • Како до подобро остварување на функциите на државата ов зачувувањето на природата и животната средина, односно кои се потребните реформи во правната рамка, институционалните односи, поделбата на надлежностите и одговорностите?
  • Како до ефективна, но и ефикасна судска заштита на човековото право на здрава животна средина?

 

Така, во рамките на првата целина се поставија дилеми околу ефикасноста на државата и нејзините институции, споредено со крајно критичките состојби на заштитата на човековите права и уништување на природата и животната средина. Како појдовна точка за овој дел од расправата се зеде предвид поразителната фактичка состојба – високото ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, почвата и водите, упропастувањето на природните реткости, криминалната урбанизација во практиката, узурпацијата на јавните простори и добрата од општа употреба. Во продолжение се истакнуваат некои од предлозите дадени во овој дел:

 

  • зајакнување на човечките и другите капацитети на јавните органи кои имаат надлежност да ја заштитуваат животната средина и да вршат надзор над законитоста во работењето на субјектите (Министерство за животна средина и просторно планирање, инспекторати и слично);
  • реформи во казненоправното и прекршочното законодавство со цел воведување на построги санкции за дела поврзани со повредата на животната средина;
  • обучување на јавните обвинители во државата, но и полицијата и другите органи за спроведување на законот, за откривање и гонење на дела поврзани со животната средина;
  • ревидирање на начинот на кој се спроведуваат постапките за јавно-приватно партнерство, како би се обезбедила адекватна заштита на јавните простори;
  • формирање на таканаречена еколошка полиција, како специјална полициска единица за заштита на природната средина;
  • воведување на предметот еколошко право како задолжителен предмет на правните факултети ширум земјата, како би се оформиле идни генерации на правници кои ќе имаат продлабочени познавања од материјата и формалните механизми за заштита на правото на животната средина.

 

Во рамките на втората целина стана збор за предизвиците кои се јавуваат од аспект на судската заштита на правото на животната средина. Притоа, опфатени беа трите вида на судски постапки – кривичната, граѓанската и управната. Имено, споменатите предизвици се следните:

 

  • непостоење на конкретна жртва од кривичните дела или граѓанскоправните деликти поврзани со животната средина;
  • потешкотии да се докаже штетата во граѓанските постапки;
  • ограничените можности за поднесување на барања за заштита на колективни права пред редовните судови и практика на неприфаќање на активната легитимација од страна на судовите;
  • можност да се поднесе барање за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот до Управниот суд, во случај кога таквата повреда се состои од недонесување на општ акт (управен пропис) какви што се националните и општинските планови за квалитет на амбиенталниот воздух;

 

Во таа насока, беа претставени и компаративни примери од земјите од Европската унија чии правни системи имаат слични правила како домашниот, а стана збор и за практиката на меѓународните судови (Европскиот суд за човековите права и Европскиот суд на правдата) од аспект на заштитата на животната средина.

Во заклучоците на расправата беше истакнато дека оваа расправа е само појдовен напор во насока на научното согледување и анализирање на правната заштита на животната средина. Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ во претстојниот период ќе подготви предлог на истражувачка програма, која ќе биде доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање и останатите релевантни органи, каде ќе бидат опфатени следните теми:

  • Хармонизација на правниот систем на Република Северна Македонија со земјите членки на Европската унија од аспект на правото на животната средина;
  • Внатрешна хармонизација на законите (и другите прописи) кои имаат за своја цел заштита на животната средина со другите прописи со кои се уредуваат правата и обврските на граѓаните (градењето, уживањето на сопственоста, транспортот и слично);
  • Функционална анализа на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање за вршење на своите законски надлежности;
  • Заштита на здравјето и здравата животна средина, односно заштита од актите и дејствијата на јавните органи и другите субјекти, во судските постапки и потреба од новини во законодавството.

Агендата на настанот можете да ја погледнете овде.