Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на 6 мај 2026 година (среда), со почеток во 12:00 часот, во просториите на МАНУ, ќе организира научна расправа на тема „Кривично-правен и граѓанско-правен статус на правните лица“.
Настанот се организира во рамките на проектот „Владеење на правото во функција на економски раст и развој“, кој се реализира во МАНУ со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, и во соработка со Здружението на правниците на Република Северна Македонија.
Во фокусот на расправата ќе бидат прашањата поврзани со правниот статус на правните лица во контекст на комплексната интеракција помеѓу кривично-правната, граѓанско-правната, трговско-правната и стечајната регулатива, како и практичните предизвици што произлегуваат од примената на мерките за обезбедување, замрзнување и конфискација на имот. Особено внимание ќе биде посветено на ефектите од овие мерки врз текот на стечајните постапки, положбата на доверителите и вработените, како и врз правната сигурност.
Од расправата се очекува да произлезат заклучоци и препораки во насока на унапредување на правната рамка и практиката.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.