Во Македонската академија на науките и уметностите, на 29 септември 2026 година, беше промовирана монографијата „Неолибералната економска филозофија: подем, пад, перспективи“ од академик Таки Фити, во издание на МАНУ.

Настанот го отвори академик Владо Камбовски, уредник на изданието, а за содржината и главните пораки на книгата говореше проф. Владимир Филиповски од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Новата монографија на академик Фити претставува синтеза на неговите долгогодишни истражувања во областа на економската мисла и економската филозофија. Во неа се анализираат настанокот и развојот на либерализмот и неолиберализмот, највлијателните макроекономски школи што се развиле во рамките на неолибералната парадигма, причините за нејзиниот подем, современата криза на неолибералниот концепт и перспективите за идниот развој на економските системи.

Во својата промотивна реч, академик Камбовски истакна дека со ова дело се заокружува еден целовит филозофско-економски поглед кој надополнува значајна празнина во домашниот научен дискурс. Како што нагласи, економската филозофија не се задржува само на прашањата „што е?“ и „како функционира?“, туку ги отвора и подлабоките прашања: „зошто е така?“, „дали треба да биде така?“ и „врз кои идеи, вредности и претпоставки почива?“

Посебно внимание во монографијата е посветено на македонскиот економски модел, неговите специфики и отстапувањата од стандардите и практиките на развиените економии. Во таа смисла, книгата отвора поширока расправа за односот меѓу пазарот и државата, економските слободи, социјалната правда, институционалниот капацитет и владеењето на правото.

Академик Камбовски посочи дека македонскиот уставен економски поредок содржи основи за развивање концепт на социјална пазарна економија, заснован врз синтеза на приватната сопственост, слободата на пазарот и претприемништвото, од една страна, и хуманизмот, социјалната правда, солидарноста и одговорноста на државата за остварување на општиот интерес, од друга.

Оттука, едно од суштинските прашања што ги отвора книгата е: каква економска филозофија му е потребна на македонското општество во XXI век?

Одговорот, како што беше истакнато на промоцијата, не треба да се бара во апсолутизирање ниту на пазарот како саморегулирачка сила, ниту на државата како семоќен коректор на економската сфера. И пазарот и државата се инструменти, додека крајните вредности остануваат човекот и неговото достоинство, индивидуалната слобода и творештвото, знаењето, социјалната правда, владеењето на правото и одржливиот развој.

Монографијата „Неолибералната економска филозофија: подем, пад, перспективи“ претставува не само значаен придонес кон македонската економска наука, туку и поттик за обновување на економската филозофска мисла и за отворање поширока научна и општествена расправа – не само за тоа каква економија имаме, туку каква економија сакаме да изградиме и на какво општество сакаме таа економија да му служи.