На 26 и 27 ноември 2026 година, во Белград, Република Србија, се одржува XVI годишна меѓународна конференција на Виктимолошкото друштво на Србија, насловена „Невидливи и видливи жртви: современиот локален и глобален општествен контекст“ (Invisible and Visible Victims: The Contemporary Local and Global Social Context).
Конференцијата обединува истакнати научници, истражувачи, универзитетски професори и практичари од повеќе земји, со цел размена на научни сознанија и искуства за современите облици на виктимизација, институционалната заштита на жртвите и предизвиците во остварувањето на нивните права.
Во рамките на конференцијата, дописниот член на МАНУ, проф. д-р Гордана Лажетиќ, и д-р Елена Мујоска Трпевска, виш научен соработник во Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, учествуваат со заеднички научен труд на тема:
„Жртвите на семејно насилство и владеењето на правото: помеѓу формалното признавање и ефективната заштита“ (Victims of Domestic Violence and the Rule of Law: Between Formal Recognition and Effective Protection).
Трудот го анализира институционалниот одговор на семејното насилство во Република Северна Македонија, со посебен осврт на пристапот до правда, ефективноста на механизмите за заштита, меѓуинституционалната координација, секундарната виктимизација и економската ранливост на жртвите.
Појдовна основа на истражувањето е согледувањето дека ефективната заштита на жртвите, правната сигурност и функционалноста на институциите претставуваат суштински показатели за степенот на остварување на владеењето на правото, но и неопходни предуслови за одржлив општествен и економски развој.
Учеството на конференцијата се реализира во рамките на научноистражувачкиот проект „Владеење на правото во функција на економскиот раст и развој“, кој го спроведува Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука (МОН).
Оваа активност е дел од континуираните заложби на Центарот за меѓународна афирмација и дисеминација на научноистражувачките резултати од проектот, продлабочување на регионалната научна соработка и поттикнување на академскиот дијалог за унапредување на владеењето на правото, институционалната ефикасност и заштитата на човековите права.
Апстрактот на трудот е објавен во официјалниот Зборник на апстракти на конференцијата (ISBN 978-86-82414-05-6).
Програма на конференцијата | Зборник на апстракти
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.