Автор: проф. д-р Владимир Филиповски
Во рамките на проектот „Владеење на правото во функција на економскиот раст“, реализиран од Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите, на 9 декември 2025 година беше одржана фокус група посветена на економските аспекти на владеењето на правото. Дискусијата беше насочена кон улогата на институциите и правната сигурност како предуслов за стабилен и одржлив економски развој.
Во воведниот дел беше нагласено дека современите економски теории, покрај традиционалните фактори на раст – капиталот, трудот и технолошкиот прогрес, сè повеќе ја истакнуваат улогата на институциите и нивниот квалитет. Ефективното владеење на правото претставува основа за функционирање на економските институции, обезбедувајќи сигурност на сопственичките права, предвидливост на регулаторната рамка и намалување на коруптивните ризици.
Посебно внимание беше посветено на концептот на економско владеење (economic governance), кој опфаќа систем на институции, правила и процедури што овозможуваат постигнување на економските цели на една држава или економска заедница. Во тој контекст, владеењето на правото се појавува како еден од клучните предуслови за функционирање на институционалната архитектура која го поддржува економскиот раст.
Во вториот дел од работата на фокус групата беа разгледани конкретни предизвици поврзани со функционирањето на економскиот систем во Република Северна Македонија. Учесниците, кои доаѓаа од регулаторни институции, академскиот сектор и бизнис заедницата, укажаа на неколку клучни прашања кои директно влијаат врз деловната клима и економските перспективи на земјата.
Еден од најзначајните аспекти што беше истакнат е потребата од поголема правна сигурност и предвидливост на регулаторната рамка. Честите и ненавремени измени на законите, особено кога се носат во кратки рокови, создаваат неизвесност кај бизнисите и го отежнуваат планирањето на инвестициите и деловните активности. Ова прашање беше нагласено како значајно не само за домашните компании, туку и за странските инвеститори.
Дополнително, беше истакната потребата од подобрување на институционалниот пристап на инспекциските органи, со поголем фокус на советодавната улога и поддршката на бизнис секторот во усогласувањето со законската регулатива. Воедно, беше нагласена важноста на соработката помеѓу академската заедница и регулаторните институции, особено во процесот на анализа и евалуација на ефектите од законските измени.
Учесниците посочија и на неколку пошироки економски прашања со директни импликации за развојот на економијата. Меѓу нив се подобрувањето на достапноста на статистичките податоци за потребите на бизнис секторот, потребата од дигитализација на институциите, како и справувањето со предизвиците поврзани со неформалната економија, која создава нелојална конкуренција и негативно влијае врз пазарот на труд и фискалната политика.
Во дискусијата беше разгледано и прашањето за влијанието на новите европски политики, како што е механизмот за јаглеродна гранична прилагодба (CBAM), кој може да има значајни економски импликации за домашните компании. Истовремено, беше нагласена важноста на законодавните иницијативи во областа на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемништвото, кои претставуваат клучен фактор за долгорочен економски раст.
Заклучокот од дискусијата упатува на тоа дека квалитетот на институциите и степенот на владеење на правото се меѓу најважните фактори кои влијаат врз економските перформанси на една земја. Само преку транспарентни, ефективни и функционално независни институции може да се создаде стабилна деловна средина која ќе поттикне инвестиции, иновации и одржлив економски развој.
Проектот има за цел да ја анализира врската помеѓу правната сигурност, институционалниот квалитет и економскиот развој, преку истражувања, експертски дебати и конкретни препораки за јавни политики.
Фокус групите претставуваат клучен дел од проектната методологија, овозможувајќи директен увид во практичните предизвици и потребите на системот.
Овој документ за јавни политики е наменет како основа за понатамошна јавна дебата и идни емпириски истражувања, со цел владеењето на правото да стане реален двигател на економскиот раст, а не само формална европска обврска. Извештајот од спроведените фокус групи е достапен на следниот линк.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.