На 6 ноември 2026 година, во Македонската академија на науките и уметностите, дописниот член проф. д-р Гордана Лажетиќ го одржа своето пристапно предавање на тема „Утврдувањето на вистината во кривичната постапка – тензија помеѓу ефикасноста и правичноста“.

Со пригоден говор по повод пристапното предавање се обрати акад. Владо Камбовски.

Предавањето понуди интердисциплинарен пристап кон едно од фундаменталните прашања на казненоправната наука – утврдувањето на вистината, разгледувајќи го низ три меѓусебно поврзани перспективи: филозофската, книжевната и кривичноправната.

Преку поврзување на филозофската мисла, македонската и светската книжевност со современата казненопроцесна теорија, проф. д-р Лажетиќ ги анализираше односот помеѓу вистината и моќта, природата и границите на судската вистина, значењето на процесните гаранции и неопходноста од воспоставување рамнотежа помеѓу ефикасноста на кривичната постапка и нејзината правичност.

Посебно внимание беше посветено на презумпцијата на невиност, товарот на докажување, еднаквоста на оружјата и непристрасноста на судот, како суштински гаранции за легитимноста на кривичната постапка. Во тој контекст беше нагласено дека легитимноста на судската одлука зависи и од легитимноста на постапката во која таа е донесена.

Темата на пристапното предавање има особено значење за научноистражувачката дејност на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ. Прашањата за правичноста, независноста на судството, ограничувањето на државната власт и ефективната заштита на фундаменталните права се во самата суштина на концептот на владеењето на правото.

Центарот упатува искрени честитки до дописниот член проф. д-р Гордана Лажетиќ по повод нејзиното пристапно предавање, со желби за натамошни научни и академски успеси.