На 27 ноември 2026 година, во Институтот за криминолошки и социолошки истражувања во Белград, Република Србија, се одржува XI меѓународна научна конференција на тема „Човековите права и границите на кривичното право во демократското општество“ (Human Rights and the Limits of Criminal Law in a Democratic Society).
Конференцијата, која ги обединува еминентните научници, универзитетски професори и претставници на правосудните институции од повеќе европски земји, како и од Бразил, е посветена на современите предизвици во заштитата на човековите права, уставните гаранции, судската независност, границите на казнената власт на државата и влијанието на дигиталната трансформација врз кривичната правда.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ на конференцијата го претставува д-р Елена Мујоска Трпевска, виш научен соработник, со самостоен научен труд на тема „Демократското назадување и кривичната правда: судската независност и предизвиците на владеењето на правото во Северна Македонија“ (Democratic Backsliding and Criminal Justice: Judicial Independence and Rule of Law Challenges in North Macedonia).
Трудот се презентира во рамките на тематската сесија посветена на судската независност, меѓународната правда и заштитата на човековите права (Judicial Independence, International Justice and Human Rights Protection).
Истражувањето се фокусира на институционалните и системските предизвици во обезбедувањето на судската независност, односот помеѓу демократското назадување и функционирањето на кривичноправниот систем, како и на значењето на европската интеграција во процесот на зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија.
Актуелноста на темата произлегува од суштинската улога на независното и непристрасно судство во обезбедувањето правна сигурност, институционална отчетност, ефективна заштита на човековите права и доверба на граѓаните во институциите. Овие прашања имаат особено значење во контекст на европските интегративни процеси, демократската консолидација и создавањето предуслови за одржлив економски и општествен развој.
Учеството на конференцијата се реализира во рамките на научноистражувачкиот проект „Владеење на правото во функција на економскиот раст и развој“, кој го спроведува Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука (МОН).
Со оваа активност, Центарот продолжува со меѓународната афирмација и дисеминација на научноистражувачките резултати од проектот, придонесувајќи кон поширокиот европски академски дијалог за владеењето на правото, отпорноста на демократските институции и реформите во правосудниот систем.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.