На 6 мај 2026 година, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), се одржа научна расправа на тема „Кривично-правен и граѓанско-правен статус на правните лица“, во организација на Центарот за стратешки истражувања „Ксенте Богоев“, во рамките на проектот „Владеење на правото во функција на економски раст и развој“, и во соработка со Здружението на правниците на Република Северна Македонија.
Настанот беше отворен со поздравни обраќања од акад. Владо Камбовски, претставник на Центарот за стратешки истражувања при МАНУ, проф. д-р Горан Коевски, претседател на Здружението на правниците, и м-р Ненад Савески, јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Во воведниот дел беа презентирани излагања од проф. д-р Александра Деановска – Трендафилова, која се осврна на аспектите на правните лица во Кривичниот законик, и проф. д-р Гордана Лажетиќ, која го анализираше постапувањето спрема правните лица во кривичната постапка.
Во рамките на дискусијата беше отворена стручна расправа за правниот статус на правните лица во контекст на комплексната интеракција помеѓу кривично-правната, граѓанско-правната, трговско-правната и стечајната регулатива. Посебно внимание беше посветено на практичните предизвици поврзани со примената на мерките за обезбедување, замрзнување и конфискација на имот, како и нивното влијание врз стечајните постапки, доверителите, вработените и правната сигурност.
Учесниците, меѓу кои претставници од правосудството, институциите, стопанството и академската заедница, разменија мислења и искуства, при што беа идентификувани клучни практични проблеми и нормативни неусогласености.
Од расправата произлегоа заклучоци и препораки во насока на унапредување на правната рамка и зајакнување на институционалната координација, кои ќе бидат дополнително систематизирани и доставени до надлежните институции.
Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, основан во 2000 година, спроведува фундаментални и применети научноистражувачки проекти од стратегиски интерес за Република Северна Македонија. Фокусот е на општествените науки, особено економијата, правото, евроатлантските интеграции, образованието и безбедноста. Центарот организира научни собири, објавува истражувачки резултати и остварува меѓународна академска соработка. Преку советодавни активности придонесува кон развојот на национални стратегии и јавни политики.